Медиумска писменост

Социјални мрежи

Што зборува вашата ФБ фотка за вас?

AddThis Social Bookmark Button
Што зборува вашата ФБ фотка за вас
Вашата профил фотографија од Фејсбук открива многу повеќе отколку што самите би сакале да покажете или да му признаете на некому. Еве како другите ги сфаќаат вашите ФБ фотки.
Иако луѓето мислат дека изборот на фотографии е нивен индивидуален став, обично не се во право, предупредува Gawker. Тоа е вашата лична карта, со која ќе ги дочекате колегите од факултет, бившите љубоморни девојки/дечковци, идните и сегашни шефови. Имиџот кој ќе го создадете, зависи исклучиво од вашиот избор.
Портрет
Јасна фотографија на личност која покажува цело лице
Што зборува за вас: Вие сте нормална, зрела возрасна личност која е задоволна од својот изглед. Во основа сте прилично здодевни. Ако станува збор за авторска фотографија или друг промотивен материјал, значи дека сте нарцис или кариерист. Доколку сте ставиле фотографија во костим за капење, веројатно изгледате многу секси, но во исто време сте многу несигурни.

Многу крупен и деперсонализиран кадар
Субјектот е многу блиску до објективот, така што може да се види само дел од лицето или фигурата
Што зборува за вас: Сакате луѓето да мислат дека не сакате да бидете препознаени на Фејсбук, но всушност копнеете по тоа и така се маскирате во својата псевдо-уметност. Можеби сте имале некоја физичка маана или несовршеност кога сте биле мали (акни, лузни, разрокост, лоша фризура како тинејџер) и се уште не сте ги преболеле задевањата. Сега се личност која често пати е сама на забавите, не затоа што сте срамежливи, туку затоа што станувате здодевни веднаш штом некој прозборува со вас.

Фотографија од далеку
Субјектот е далеку од камерата, така да не може да се види ниту еден детал од неговото лице или фигура
Што зборува за вас: Ја цените својата приватност и не сакате која било љубопитна личност да знае како изгледате. Веројатно сте малку срамежливи и резервирани кон другите се додека подобро не ги запознаете. Можеби сте подебели отколку што би требало или имате некоја друга маана, која не сакате да ја видат другите.
Фотографија од детството
Што зборува за вас: Вие сте тип на личност која мисли дека во минатото се било подобро од сега. Се уште слушате иста музика, носите слична облека и сакате исти нешта како кога сте биле во средно училиште или на факултет. Веројатно никогаш и нема да се промените. Не сте постигнале многу и секако сте биле посимпатични како дете.
Лик од поп културата
Oвој тип фотографии доаѓаат во разни облици: слика од фиктивен лик, ТВ ѕвезда, филмски плакат, славна личност, насловна страна на книга, уметничка слика... Во основа, сите кои не сте вие. Дури и кога станува збор за иронија, исто му се фаќа.
Што зборува за вас: Немате сопствен карактер. Себеси, но и останатите ги дефинирате според начинот на забава, без оглед на тоа дали станува збор за телевизија, музика или литература. Разговорот со вас е како читање цитати од IMDB веб страната и полни сте со непотребно знаење за вашите омилени теми. Сопственици сте барем на 2 маици со многу глупави слогани.
Слика од домашно милениче
Фотографија од животно, обично без сопственикот
Што зборува за вас: Зависи за какво милениче станува збор. Мачка - вие сте жена без маж. Куче - вие сте геј без партнер. Змија - вие сте тинејџер кој слуша death metal. Делфин - премогу гледате National Geografic. Хрчак - вие сте Ричард Гир. Еднорог - вие сте чудесни. Зајак - кој чува зајци како миленичиња?
Фотографија од вашето дете, обично без вас
Што зборува за вас: Единствено нешто што сте постигнале е детето. Некогаш сте биле забавна личност, сте имале многу пријатели и богат друштвен живот а сега зборувате за пелени, кашички и Ноди. Не грижете се, да се биде мајка или татко е најважно на светот.
Фотографија од венчавка
Маж, жена, невестински фустан, костум, бидермаер
Што зборува за вас: Сакате сите да знаат дека конечно сте пораснале. Сте станале сериозни и сте се укотвиле. Повеќе не лудувате. Вие сте женети/мажени! Оваа врска целосно ве дефинира и повеќете немате пријатели. Вероатно премногу сте потрошиле на свадбата а доколку сте жена, свекрвата не ве сака.

Псевдо-уметнички портрет
Фотографијата се обидува да биде уметничка, обично без успех. Субјектот може и не мора да го има на сликата. Најчесто е црно-бела
Што зборува за вас: Мислите дека сте глумец, писател, фотограф а всушност сте келнер, блогер, бејбиситер. Освен ако не добиете на лото, веројатно нема да заработите многу во животот.
Фотка од забава
Субјектот обично е во друштво, на забава. Најчесто пие, пуши, танцува на подиум, се резили на караоке.
Што зборува за вас: Млади сте и ќе добиете отказ барем од едно работно место, заради нешто што сте објавиле на Фејсбук. Во последната година дена најмалку 3 пати сте ја употребиле ВЦ шолјата за нешто друго, освен за нужда. Еден ден ќе зажалите за сите овие фотографии и ќе ги замените со слики од вашата венчавка а потоа и со фотографија од вашето дете. Но, секогаш ќе го сакате Фејсбук, дури и кога покажува повеќе отколку што би требало.
Извор: Он.нет

 

НАГРАДЕНИ ЕСЕИ

AddThis Social Bookmark Button
НАГРАДЕНИ ЕСЕИ
Во рамки на отворениот конкурс за кратки есеи, научни анализи и мултимедијални текстови од областа на медиумите и медиумската писменост, оваа недела награда за најдобар есеј е доделена на Бобан Ристевски за есејот на тема “ИДЕЈАТА ЗА КОМУНИЦИРАЊЕ ПРЕКУ ПЛАТФОРМИТЕ ЗА СОЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА ИНТЕРНЕТ”.

Конкурсот ќе трае до 31 јуни 2011 година. Своите трудови можете да ги пратите на contact@idscs.org.mk, a изборот и НАГРАДУВАЊЕТО на НАЈДОБРИТЕ ќе се врши секоја недела, од страна на тим на Институтот за Демократија и Македонскиот Институт за Медиуми.
ИДЕЈАТА ЗА КОМУНИЦИРАЊЕ ПРЕКУ ПЛАТФОРМИТЕ ЗА СОЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА ИНТЕРНЕТ

Ќе се обидеме да дадеме референтна рамка, за тоа како треба да изгледа начинот на комуникација и воопшто, дејствување, преку т.н. друштвени/социјални мрежи или платформи/медиуми за социјализирање (на Интернет)…
За да дојдеме до тоа во што се состои суштината на т.н. социјални или друштвени мрежи, може да се фокусираме на четири елементи што се својствени за самите друштвени мрежи, а тоа се: содржина, соработка/колаборација, заедница/заедништво и колективна интелигенција.
Содржината, сфатена како елемент на друштвените мрежи, се однесува на идејата дека социјалните медиуми му овозможуваат на секого да стане креатор, така што овозможуваат издавањето и дистрибуцијата на мултимедијалните содржини да биде слободно и лесно/едноставно, па дури и за аматерите. Содржините создадени од корисниците и желбата преку рекламирање од нив да се профитира, се наоѓа во самата срж на бизнис-моделот на речиси сите медиумски платформи за социјализирање. Но, тоа што на секого му е дадена можноста да стане креатор, не значи дека секој ја искористува таа можност. ПовеЌето од корисниците преферираат да ги конзумираат содржините, така што читаат блогови, гледаат видеа или разгледуваат фотографии.
Вториот елемент на друштвените мрежи, соработка или колаборација, се однесува на идејата дека социјалните медиуми овозможуваат индивидуалните дејствија и постапки полесно да се трансформираат во поголеми, колективни резултати. Колаборацијата, како елемент на друштвените мрежи, се појавува во неколку различни форми (или на различни нивоа), и тоа: конверзација, ко-креација и колективна акција. Кога конзумерите и кураторите (или воопшто, корисниците) ќе се фокусираат на одредена содржина, тогаш таа содржина станува центар на нивната конверзација. Потоа, следниот чекор е ко-креација, а тоа понатаму води кон колективна акција. Значајно е да се започне со голема задача и цел, потоа тие да се поделат на помали, индивидуални делови, што на крај треба да бидат споени во една единствена целина.
Трет елемент на друштвените мрежи е заедницата или заедништво и тоа се однесува на идејата дека социјалните медиуми овозможуваат продолжителна соработка во врска со една идеја, што може да трае подолго време и да се одвива од различни локации. Се подразбира дека заедништвото или заедницата што има голем број на членови што се меѓу себе цврсто поврзани и често комуницираат, е подобра од таа што ги нема тие карактеристики.
Колективната интелигенција, сфатена како четврт елемент, се однесува на идејата дека социјалните медиуми овозможуваат нешто повеќе од индивидуални постапки, а тоа е врз акциите што се преземаат да се примени заедничкото/колективно искуство на членовите на групата. Доколку така стекнатата колективна интелигенција, потоа, се подели со сите членови на групата, тогаш членовите Ќе имаат поголема причина повеќе да ја вреднуваат својата заедница, така што заедништвото и поврзаноста на членовите, на тој начин, само повеЌе се зголемува, како квантитативно, така и квалитативно.
Овие четири елементи на друштвените мрежи или на социјалните медиуми, формираат одредена хиерархија што е својствена за самите социјални медиуми. Секој од тие елементи, често, но не секогаш, претставува чекор што води кон следниот елемент. Содржината, што е од заеднички интерес, води кон суштествена колаборација, што е чекор кон вибрантна заедница, од што може да се екстрахира колективната интелигенција.
Актуелноста на т.н. социјални мрежи или сајтови за социјализирање и дружење постојано се менува… Во одреден период, некои од тие сајтови се популарни, за потоа нивната актуелност да спласне или да се промени и да добие некаква друга форма… Можеби сето тоа е одраз или знак за новиот вид на комуникација што технологијата им го наметнува на луЃето… Сигурно има повеќе т.н. социјални или друштвени мрежи на Интернет, отколку што можете да претпоставите (ако не верувате, погледнете ја листата со сајтови на Википедија). Како најпопуларен сајт од тој тип, пред извесно време се издвои Мајспејс, а сега неговата популарност и активност драстично опаднаа, за сега најпопуларни да се Фејсбук и Твитер.
Социјалните мрежи може да ги поделиме на неколку групи. Прво, тука се оние што се за општа намена (како тие што беа споменати претходно), но има и специјализирани, на пример, Фликер (за размена на фотографии), Аноби и шелфари (за љубители на книги), Девијант Арт (за визуелна уметност), Фликстер (за филмофили, иако се чини дека тој сајт никогаш не почна да функционира како што треба), итн.
И така доаѓаме до Твитер, друштвена мрежа наменета за т.н. микроблогинг (или микро-блогирање). Твитер им овозможува на тие што го користат да пишуваат кратки пораки, наречени твитови, преку кои тие најчесто ги соопштуваат своите моментални мисли што им доаѓаат во текот на денот (јавно, доколку профилот е јавен или приватно, доколку профилот е приватен)… Твитер најчесто или повеќемина го користат на ироничен начин (да не навлегуваме во подлабока анализа за тоа зошто е тоа така)… Според извесна статистика (преземена од - http://en.wikipedia.org/wiki/Twitter) , 41% од пораките на Твитер се бесмислено дрдорење, 38% се во форма на конверзација, 6% се за само-промоција, 4% се спам и исто така 4% се за новости…
И сега веднаш мора да правиме секакви детални анализи на сајтовите од овој вид. Веројатно по инерција, бидејќи вообичаено е детално да се анализираат сите нови компјутерски и технолошки хардвер и софтвер производи, па изгледа дека тој тип на анализи им е потребен и на т.н. социјални мрежи… На пример, во списанијата ќе прочитаме: огласи на Твитер, Твитер ја купи Клаудхопер, напад врз корисниците на Твитер, нова “дупка” во Твитер, итн. Знаете ли во што се состои новата “дупка” во Твитер? Тоа е пропуст на самиот сајт, што им овозможувал на некои од корисниците сами да одбираат и да додаваат следбеници (или followers). На тој начин, илјадници корисници на Твитер додавале нови следбеници, во главно познати личности, секако, без притоа тие да знаат за тоа. Понатаму, дознаваме дека Твитер ја поправил оваа грешка и ги отстранил оние корисници што некој “илегално” си ги додал како свои следбеници… Да не навлегуваме во подлабока анализа, за тоа зошто некој би сакал (нерегуларно) во својата листа на следбеници на Твитер да додаде некоја позната личност (кога, всушност, идејата на самиот сајт е тоа да се случува во обратна насока)…
Понатаму, знаете ли дека, според една анализа (исто така од - http://en.wikipedia.org/wiki/Twitter ), Твитер е еден од 15-те најпосетувани сајтови, во светски рамки… Бројката на тие што го употребуваат Твитер, месечно се зголемува за 1382% (додека Фејсбук заостанува со 228%)… Но, од друга страна, само 40% од корисниците на Твитер остануваат, тоест, ги задржуваат своите профили, додека другите 60% се откажуваат од сајтот и ги бришат профилите…
Како друштвена мрежа, Твитер е базиран на принципот на следење. Кога ќе одберете да следите некој од другите учесници на Твитер, неговите твитови ќе се појавуваат и ќе ги читате на вашата страница на Твитер. Ако следите 20 луѓе, ќе видите микс од секакви различни твитови на вашиот профил на корисник: кој што доручкувал, интересни нови линкови, музички препораки, па дури и известувања за иднината на образованието…
Конечно, може да се запрашаме што е со оние што немаат профил на Твитер? Или немаат профил на ниту една од социјалните/друштвени мрежи… Се обидов да дадам реален приказ за состојбата и суштината на т.н. социјални или друштвени мрежи, со посебен акцент на Твитер…
Но, што е со вас? Дали сте можеби луркер што надгледува или (како што се изрази една моја пријателка) залутан сталкер? На кој начин учествувате во т.н. друштвени мрежи, медиуми или платформи за социјализирање?! Дали може да ја искористите референтната рамка што беше понудена (со четирите елементи), за да ја оформите и пласирате вашата социјално-медиумска иницијатива? Или можеби имате ваши идеи, за некои други или нови елементи на социјалните медиуми? Слободно, искористете ја референтната рамка како пример, за да ја обмислите вашата активност и притоа додадете и ваши, сопствени елементи и карактеристики, за тоа што треба да претставуваат друштвените мрежи и како треба да изгледаат социјалните медиуми.

 

НАГРАДЕНИ ЕСЕИ

AddThis Social Bookmark Button
НАГРАДЕНИ ЕСЕИ
Во рамки на отворениот конкурс за кратки есеи, научни анализи и мултимедијални текстови од областа на медиумите и медиумската писменост, награда за најдобар есеј е доделена на Кристина Озимец за есејот на тема “Македонија е во детството на онлајн медиумите”.

Конкурсот ќе трае до 31 јуни 2011 година. Своите трудови можете да ги пратите на contact@idscs.org.mk, a изборот и НАГРАДУВАЊЕТО на НАЈДОБРИТЕ ќе се врши секоја недела, од страна на тим на Институтот за Демократија и Македонскиот Институт за Медиуми.
МАКЕДОНИЈА Е ВО ДЕТСТВОТО НА ОНЛАЈН МЕДИУМИТЕ

Медиумските куќи низ светот се соочени со се’ поголеми финансиски предизвици во потрагата по ресурси за финансирање на истражувачкото новинарство. Економската криза удри шлаканица и на квалитетот на информирање. Во исто време, знаењата на новинарите и достапноста до новите технологии се поголеми од кога и да е. Се’ повеќе експерти го гледаат спасот на новинарството во виртуелниот свет.

Во САД весниците ќе исчезнат за седум години. Во Канада и Норвешка печатените изданија ќе ги снема до 2020-та, а Австралијците по 2022 г. нема веќе в рака да држат вести на хартија. Ова се предвидувањата на Рос Даусон, австралиски футурист, кој тврди дека печатените весници ќе станат “незначајни” во 52 земји низ светот во следните три декади, меѓу кои спаѓа и Македонија, и дека тие ќе бидат заменети со други дигитални технологии. Новинарите, комуниколозите и читателите се поделени во ставовите за ваквите предвидувања. Некои ги прифаќаат како можни, а некои тврдат дека весниците во својата класична форма нема никогаш да изумрат, не можејќи да замислат што би правеле милиони луѓе низ светот без мирисот на мастилото, без навиката да земат весник в рака и со зачуденост од вестите пред себе да го пијат своето утринско кафе.
“Во Македонија сте среќни што ќе имате весници уште барем 20-40 години”, вели низ смеа за “Форум”, Јан Гунар Фурули, новинар во еминентниот норвешки весник “Афтенпостен” кој има годишен профит од дванаесет милиони евра и за една недела на неговата Интернет-страница привлекува 21,5 милиони посети. Тој смета дека скептицизмот кај новинарите за ваквите предвидувања за кои вели дека се многу реални, постои поради специјалното чувство кога се држи весник в рака.
“Читањето весници онлајн е нешто ново и за новите генерации. Моите деца, на пример, се чести читатели, тие читаат и весници, но повеќето од нивните информации доаѓаат од онлајн извори”, вели Фурули. Според него, Македонија е во детството со користење на онлајн-медиумите од страна на традиционалните медиуми, а моменталната ситуација го потсетува на Норвешка во деведесеттите.
“Овде има многу мали активности, повеќето онлајн-изданија имаат можеби еден, двајца или тројца ‘војници’ кои се трудат да ги направат онлајн-изданијата, но тие не можат без поддршката од новинарите од весниците, радијата и ТВ-станиците”, додава тој. Фурули и неговите колеги од “Афтенпостен”, кои во Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ги подучуваа македонските колеги за онлајн-новинарство, гледаат огромен потенцијал во земјава за развој на онлајн-медиумите.
Петер Марковски, уредник на вестите во “Афтенпостен” кој има македонско потекло, смета дека домашниот пазар нуди огромни неистражени можности за новите медиуми.
“Доколку ја имате репутацијата дека сте секогаш први, и дека сте први кои сте го разбрале онлајн-новинарството сериозно, ќе ја добиете публиката само со тоа што ќе знае дека сте први. Овде постои огромна можност да бидете број еден и да добиете лидерство на тој начин. На почетокот имавме само еден онлајн-весник во Норвешка и имаше стотици илјади читатели и огромен адвертајзинг бидејќи беа првите кои го сфатија онлајн-новинарството сериозно. Денес, доколку сакате сериозни вести на интернет, наместо да купите весник, ќе изберете една или две Интернет-страници. Сега во Норвешка сите го прават тоа”, вели Марковски за “Форум” и додава дека во почетокот во Норвешка печатените медиуми не придонесувале во онлајн-новинарството, за денес, во оваа земја, како и во САД и Европа, многу од весниците веќе да имаат интегрирани редакции во кои новинарите од печатените и онлајн-медиумите работат заедно.
МАКЕДОНСКИТЕ ОНЛАЈН-ИЗДАНИЈА НЕМААТ КОНЦЕПТ
Медиумските експерти забележуваат еден голема заедничка загатка кај македонските онлајн-медиуми и веб-портали: што, всушност, тие продаваат?
“Кога ќе посетам македонски веб-портал се прашувам кој ви е контентот и концептот, зошто луѓето да се потрудат да одвојат од нивното драгоцено време за да ја посетат вашата страница? Тоа е исто како кога ќе видите убава девојка и таа можеби има многу шминка, но мора да има нешто и внатре исто така, мора да има суштина”, рече за “Форум” еден од најискусните новинари во норвешкиот “Афтенпостен”, Пер Андерс Јохансен. Тој забележува дека овде недостасува транспарентен сервис кој ќе ги мери посетите на читателите на Интернет и ќе прави статистики врз кои ќе може да се потпрат клиентите. Во моментов, кога 51 отсто од граѓаните се активни корисници на Интернетот, се чини дека во Македонија постои историска шанса за оние кои сакаат да станат лидери во онлајн домашниот новинарски пазар. Експертите сметаат дека големите организации кои се веќе популарни медиумски брендови порано или подоцна ќе разберат дека ќе треба да вложат, а можеби и изгубат одредена сума на пари на почеток, за да изградат релевантни и добри онлајн-изданија кои ќе почнат да го придобиваат пазарот и ќе станат профитабилни во иднина.
“Овде немате доверба помеѓу разни организации и партнери во општеството. Медиумите не им веруваат на политичарите, политичарите не им веруваат на медиумите, а читателите, пак, не им веруваат ни на едните ни на другите. Не е ни чудно што во ваква ситуација читателите не сакаат да платат за да добијат информации од новинарите бидејќи веруваат дека информациите се корумпирани”, смета Пер Андерс Јохансен. Неговиот колега Фурули гледа и друг проблем кој го кочи онлајн-новинарството, а тоа е самоцензурата. “Странец понекогаш ќе предложи идеја и одредени луѓе овде го гледаат како вонземјанин, бидејќи еве го тука, говори за нешто што не е возможно овде да се направи, но, всушност, сè е возможно. Доколку имате храброст и креативност, треба да можете да направите добро квалитетно истражувачко новинарство и ние сме виделе примери за тоа, со добро финансираните истражувачки проекти веќе направени од македонски новинари”, вели Фурули.
КАКО ДО УСПЕШНО ОНЛАЈН-НОВИНАРСТВО?
Јавноста и медиумските работници имаат одредена недоверба во домашните онлајн-изданија за кои често се мисли дека се неисплатливи. Практиката на компензации помеѓу компаниите, трката по реклами и желбата за итен профит како и фатализмот на Македонците, особено оној помеѓу помладите новинари, влијаат врз идејата “да се живее” од онлајн-новинарството. Недостатокот на транспарентност и објективност кои ќе предизвикаат примамливост за луѓето да инвестираат пари во медиумите е сè уште голем проблем. Јохансен го гледа излезот од ваквата ситуација во независното новинарство.
“Можеби звучи наивно, но сигурен сум дека доколку одредена медиумска организација успее да застане некаде во средина, таа ќе го придобие престижот и довербата и преку ова ќе направи пари”, порачува тој и потсетува дека на луѓето секогаш ќе им требаат независни информации кои ќе стануваат сè поважни и поважни.
“Една модерна компјутерска компанија ја имаше една од најуспешните инвестиции откако инвестираше во мала веб-страница - скандинавија.онлајн, која стана број еден во Норвешка. Кога компанијата продаваше компјутери, овој веб-портал беше инсталиран како почетна страница и 80 отсто од компјутерите во Норвешка го имаа како свој хоум пејџ, и тие станаа најпопуларниот онлајн-портал со објективни сериозни вести и забава. На крајот, компанијата го продаде порталот за еден билион норвешки круни што е повеќе од 120 милиони евра”, раскажува новинарот Јан Гунар Фурули, потенцирајќи дека профитот никогаш не доаѓа за една година и дека е потребно трпение во овој бизнис. Тројцата колеги новинари од еминентниот норвешки весник “Афтенпостен” комплетно се согласуваат во едно нешто: онлајн-новинарството ќе го одбележи времето што доаѓа.
“Мислам дека печатените медиуми, телевизијата, радиото и онлајн-вестите наскоро ќе се соединат во нешто. Можеби нема да користиме компјутери во иднина, можеби ќе го користиме Интернетот на телевизија, но немам сомнежи дека онлајн-новинарството е иднината”, вели  новинарот Јан Гунар Фурули.

 

Слушање на глобалните гласови -- TED предавање на Итан Зукерман

AddThis Social Bookmark Button

Слушање на глобалните гласови -- TED предавање на Итан Зукерман

Иако се претпоставуваше дека Интернет ќе ги брише поединечните култури, тој сеуште претставува простор кој негува различни културни сфери.

Погледнете како блогерот Итан Зукерман го презентира своето истражување на една од ТЕД конференциите.

Со титлови на македонски

 
Страница 1 од 8

МИМIDSCSEJCФинансирано од:Министерство за образование и наукаВисока школа за новинарство и за односи со јавностаБиро за развој на образованието